ВЕСТИ ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА МАКЕДОНИЈА

Полицаецот од Охрид што го казни 800 евра командирот е цел на одмазда, местенки и мобинг (Видео)

Стевче Стевоски, полицаецот од Охрид кој стана познат во јавноста оти пред две години го казни својот командир со 800 евра за сообраќајни прекршоци, денес е рекордер по примени пријави. Против него се поднесени над 70 пријави по разни основи бидејќи го навлекол гневот од претпоставените и од колегите. Не им останал должен и тој. Во матичната полициска станица во Охрид поднел над 50 претставки, во кои открива и посочува докази за корупциски скандали во полицијата. По тридецениска служба во полицијата во Охрид, вели дека е време да ги отворат картите со МВР.

За „Макфакс“ објасни како казнувајќи ги своите шефови, колеги и високи функционери на МВР, кои го кршеле законот, станал цел на местенки, континуиран мобинг и закани. Вели дека поради честите казни со намалување на платата, бил оштетен 30 илјади евра затоа што работел според своите надлежности, а не според наредбите од старешините.

„Јас во своето работење се соочив со одредени полициски службеници, пред сè непосредните старешини, кои злоупотребувајќи ја својата службена должност, стекнуваа енормно висок износ парични средства, голем имот, многу пари, а сето тоа на штета на граѓаните на Охрид. Поради сето ова, јас се спротивставував, пишував претставки до внатрешната контрола при МВР, пишував пријави до Јавното обвинителство во Охрид, пишував секаде, но, за жал, државата затаи. МВР функционира на папагал-принцип, каде што непосредните старешини се над законите, над Уставот и тука не успеав да ги победам, но, сепак, борбата продолжува понатаму“, вели полицаецот Стевоски.

Кариерата му ја запечатила казната за командирот. Кусо време откако ја пишал казната, поради друг настан за кој тврди дека му е наместен, му го одземале службениот пиштол. Од тогаш ниту му го враќаат, ниту му даваат обврски.

Контролирајќи го сообраќајот, во август 2016 година, рано наутро, го фатил командирот како престигнува на полна лента со нерегистрирано возило. За разлика од колегите, кои биле спремни да замижат, Стевоски му пишал казна на командирот од 800 евра, 300 за престигнувањето на полна линија и 500 евра за нерегистрираното возило.

„И претходно имаше дисциплински постапки против мене бидејќи има докази дека сум ги пријавувал моите надредени за лихварство, изнуди, друг вид криминал, за преквалификација на кривични дела вршени за лични интереси, но најголемиот проблем се појави кога го чепнавме МВР во срцето“, вели Стевоски.

Внатрешната контрола, наместо да постапува да ги утврдиме фактите, таа против мене поведе дисциплинска постапка со образложение дека сум сторил кривично дело и поднесе кривична пријава бидејќи тоа сум го сторил од лични причини. Зар јас на некого сум му дозволил 16 години да не регистрира возило?! Зар јас на тој некој му наредив во 6:55 часот да се движи и да престигнува други возила“, тврди Стевоски.

Јавниот обвинител ја отфрлил кривичната пријава, а дисциплинската комисија го казнила со 15 отсто помала плата четири месеци по ред.

За да го привлече вниманието на внатрешната контрола во МВР, од која барал да го провери криминалот што го пријавува, Стевоски штрајкувал со глад. Но, и тоа не било доволна причина, како што вели, за да дојдат и да ги проверат неговите тврдења.

„Во мојата полициска кариера јас имам поднесено над 50 претставки. Ниту еднаш не дојдоа, со тие луѓе јас не сум се видел. Зошто тие луѓе бегаат од мене сите овие години? Заслужувам повеќе внимание, треба со МВР еднаш да ги отвориме картите. Во својот 30-годишен мандат како полицаец се обидував да работам во согласност со позитивните законски прописи во оваа држава, не се надевав на ваков крај, но тоа е Македонија“, вели Стевоски.

Наместо признание за професионалноста вели дека бил деградиран и прераспределуван на работни места на кои нема пристап до пријавите што ги поднесуваат граѓаните. Со тој чекор Стевоски смета дека високите структури во Министерството се обиделе да се заштитат за да продолжат со незаконски постапувања. Тој сведочи дека службениците што биле обвинети дека правеле кривични дела денес се унапредени на високи функции во Министерството.
Од Министерството за внатрешни работи не се расположени да разговараат за пријавите од Стевоски, како и за пријавите против него.

За сите случаи поврзани со охридскиот полицаец од МВР добивме само кус коментар: „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди секогаш постапува кога има индиции за сторена повреда на работниот ред и дисциплината, а во согласност со своите надлежности“.

извор: макфакс.ком.мк

Loading...

Related posts

КРАЈНА ПРЕТПАЗЛИВОСТ ПОПЛАДНЕВО И ВЕЧЕРВА: ВЛАДИМИР РАЗВИВА ОЛУЈНИ СИСТЕМИ! ЌЕ ИМА НЕВРЕМЕ!

vesti24

Полицајци со возило слетаа во реката Лепенец, цела ноќ се трага по нивните тела

vesti24

Грчкиот парламент започна расправа по барањето за недоверба на владата на премиерот, Алексис Ципрас поради договорот со Македонија

vesti24